
Во Собранието одржана комеморативна седница по повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница
По повод 30-годишнината од геноцидот во Сребреница, во Собранието на Северна Македонија се одржа комеморативна седница.
На седницата присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, претседателот на Исламската верска заедница на Северна Македонија (ИВЗ), Шаќир Фетаху, пратеници и поранешни пратеници, претставници на институции, невладини организации и на бошњачката заедница во земјата, претставници на дипломатскиот кор и други гости.
Претседателот Гаши во својот говор, нагласувајќи дека има особена чест, но и голема одговорност да се обрати на овој настан, рече дека дури и триесет години подоцна чувствуваат дека крвта сѐ уште не е исушена, солзите не престанале, а болката не исчезнала.
„Да се зборува за Сребреница воопшто не е лесно. Секој збор, секоја порака, секоја фраза што ќе ја изговорам е попразна и послаба, но и недоволна за да ја опише длабочината на болката што беше доживеана од 9 до 11 јули 1995 година во Босна“, рече Гаши.
Нагласувајќи дека жртвите од Сребреница ќе останат засекогаш во сеќавањето и совеста на човештвото, Гаши кажа: „За жал, Сребреница не е последна. Друга Сребреница, дури и со многу поголеми размери, денес се случува во Газа каде што еден народ е изложен на физичко истребување и умира не само од куршуми и гранати туку и од недостаток на храна.“
Претставничката на координативното тело за одбележување на 30 годишнината од Сребреница, Селма Ризвановиќ Мандал, зборувајќи за важноста на одбележувањето на овој ден секоја година, рече: „Ние денес живееме во време на интензивен ревизионизам и негирање на геноцидот. Дури и негово славење и на неговите извршители и тоа не е спонтана појава, тоа не е легитимно право на мислење, слобода на говор. Тоа е организиран феномен и како резултат на тоа денес имаме посилно негирање отколку пред 20 години.“
– „Не беа само мажи и момчиња, туку и жените беа убивани“
Претставникот на Бошњачкиот Национален Сојуз, Џевад Хот, од друга страна опишувајќи го геноцидот во Сребреница како трагедија што засекогаш ја промени историјата на регионот, Европа и целиот свет, рече: „Не беа само мажи и момчиња, туку и жените беа убивани.“
Проф.др. Муамер Џанановиќ, директор на Институтот за истражување на злочинот Сараево, истакна дека комеморацијата и сеќавањето на геноцидот во овој дом испраќаат силна порака дека жртвите не се сами, дека вистината има сојузници и дека сеќавањето на правдата и одговорноста не се само сеќавања на минатото, туку императив на ова време и темел на иднината што сакаат да ја изградат.
Собранието на Северна Македонија на 4 февруари 2010 година усвои декларација во поддршка на резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница, а од тој датум секој 11 јули се одбележува како „Ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“ во земјата.
11 јули оваа година се одбележува 30-годишнината од геноцидот во Сребреница. Потсетуваме дека повеќе од 8.000 босански муслимански мажи беа убиени во Сребреница откако српските сили ја нападнаа „безбедносната зона“ во Сребреница во јули 1995 година, и покрај присуството на холандски војници задолжени да дејствуваат како меѓународни мировници.
Извор: АА