Во Сараево отворена изложба на академик Фехим Хусковиќ по повод 40 години творештво
Во Уметничката галерија на БиХ во петок свечено беше отворена изложбата „Боxча“ на академик Фехим Хусковиќ, по повод четириесетгодишнината од неговата творечка работа. Станува збор за уметнички проект кој опфаќа ретроспектива на дела од различни фази, но и промоција на монографијата „40 години подоцна“.
На изложбата се претставени дела од повеќе циклуси – акрил на платно, графики и скулптури – каде што Хусковиќ симболички ги поврзува мотивите од природата со личното и колективното искуство. Посебно внимание привлекуваат таканаречените „сина“, „зелена“ и „црвена“ фаза, во кои авторот мајсторски ги истражува различните нијанси и им дава сопствена уметничка перспектива.
Централно место зазема циклусот графики „Боxча“, силно инспириран од бошњачката традиција. Боxча – завиткан сноп од ткаенина во кој некогаш се носела најпотребната имотнина во моменти на прогон и страдање – за Хусковиќ е симбол на егзистенцијата, сеќавањето и достоинството.

„Циклусот графики и слики под наслов ‘Боxча’ е едно од моите најемотивни и најдлабоки уметнички остварувања кое произлезе не од теоретска амбиција, туку од внатрешна нужност. Во неговата суштина се наоѓа симболичката моќ на обичниот предмет – завиткана ткаенина, боxча – којa во историјата на Бошњаците се покажа како носител на егзистенцијата и достоинството во моменти на крајна загуба.
Мојата боxча е знак, но и рана, траг на патник без пат, чекор без одредиште. Таа не е само завиткан сноп, туку метафора на еден цел народ кој историски бил приморан во миг да го остави сè – освен себеси и верата“, изјави академик Фехим Хусковиќ за својот ликовен циклус.
Организатор на изложбата и промоцијата на монографијата е Бошњачката академија на науките и уметностите (БАНУ). Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2025 година, а веќе првите денови владее голем интерес кај културната јавност на Сараево.
Фехим Хусковиќ, кој магистрирал и докторирал во областа на педагогијата и методиката на ликовната уметност во Софија, денес предава на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и на Интернационалниот универзитет во Нови Пазар, а гостува и на повеќе европски и азиски универзитети.

Во текот на четири децении кариера организирал повеќе од 130 самостојни изложби и учествувал на над 800 групни, низ Балканот, Европа и светот – од Турција и Германија, преку Норвешка и Франција, до Соединетите Американски Држави.
За својата работа добил повеќе од 35 награди од областа на цртежот, графиката и сликарството, вклучително и признание за животно дело во Северна Македонија. Објавил три книги и дваесетина стручни трудови од педагогијата и психологијата на уметноста, како и активно учествувал во организацијата на меѓународни биеналиња, триеналиња и колонии. Неговите дела денес се наоѓаат во светски познати музеи и приватни колекции.
Изложбата „Боxча“ уште еднаш потврдува дека Хусковиќ не припаѓа само на босанскохерцеговскиот и санџачкиот културен круг, туку и на поширокиот меѓународен простор, каде неговото име со децении се вбројува меѓу најзначајните уметници од овие простори.