
Во албанскиот дел на Охридското езеро пронајдена најстарата езерска населба во Европа
Тим археолози кои го истражуваат Охридското крајбрежје во Албанија, уверуваат дека ја откриле најстарата населба изградена на езерски брег во Европа. Тврдат дека датира од пред 6.000 до 8.000 години.
Истражувачките од Швајцарија и Албанија секојдневно нуркаат до длабочина од три метри, внимателно изнесувајќи на површината дрвени столбови коишто некогаш држеле куќи, објавува Ројтерс, додавајќи дека на локалитетот се пронајдени и коски од домашни и диви животни, бакарни предмети и керамика со детални резби.
Според Алберт Хафнер од Универзитетот во Берн, слични населби се пронајдени во алпскиот и медитеранскиот регион, но населбата во албанското село Лин е постара за околу 500 години.
„Благодарение на тоа што е под вода, органскиот материјал е многу добро зачуван, што ни овозможува да откриеме што јаделе овие луѓе и што одгледувале“, изјавил Хафнер.
Населбата се простирала на околу шест хектари и била дом на неколку стотици луѓе, но, како што прецизира Ројтерс, по шест години работа, истражено е само околу еден процент од локацијата.
Хафнер истакнува дека жителите на тоа езеро одиграле клучна улога во ширењето на земјоделството и сточарството низ Европа.
„Тие сè уште ловеле и собирале, но главната исхрана доаѓала од земјоделството“, додаде тој.
Албанскиот археолог Адриан Анастаси вели дека може да бидат потребни децении за целосно да се истражи локацијата.
„Врз основа на начинот на кој живееле, јаделе, ловеле, ловеле риба и граделе, можеме да кажеме дека биле исклучително напредни за тоа време“, истакна Анастаси.
Охридското езеро, кое го делат Албанија и Македонија, се смета за најстарото езеро во Европа. Проценките се дека датира од пред еден милион години.