Мисајловски: Во тек е набавката на италијанските хеликоптери
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска соопшти дека набавката на хеликоптерите од италијанскиот производител „Леонардо“ е во тек, а последно е исплатена втора рата во висина од 70 милиони евра и истакна дека новите хеликоптери ќе можат да се користат за гаснење на евентуални пожари, објави Слободен печат.
„Набавката е во тек, знаете дека претходната влада ја има потпишано таа набавка, има многу правни предизвици. Во овој момент се исплати втората рата од 70 милиони евра. Ние со адвокатска компанија работиме секојдневно за отстранување на секој еден предизвик што го имаме, рече Мисајловски.
Тој посочи дека хеликоптерите ќе имаат можност да дејствуваат на сите видови пожари и има опрема што дополнително се става на овие хеликоптери.
„Набрзо очекуваме да имаме работна посета на Италија, каде што ќе видиме на место што се е направено и транспарентно ќе објасниме до каде е целата постапка, истакна Мисајловски по поставување камен темелник на нова спортска сала во Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“.
Договорот за набавка на нови осум транспортни хеликоптери од италијанскиот производител „Леонардо“ за потребите на Армијата, вреден 249,5 милиони евра, беше потпишан од претходната влада лани во март.