Мицкоски: Бадентер не е засегнат, тој е дел од Охридскиот договор
Изјавата на министерот за правда Игор Филков дека треба да се размислува за ревидирање на Бадентеровото мнозинство при гласањето, за потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми е опасна идеја. Според него ваквите идеи ќе ги заострат меѓуетничките односи, но и претставуваат директен напад на Охридскиот рамковен договор.
„За жал се повеќе им се дава простор на политички сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чисто етнички држави. Такви идеи и такви идеолози се опасни бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи па се до нарушување“, вели Арбр Адеми.
Министерот Филков оваа рече дека можеби е дојдено време да се размисли за ревидирање на Бадентеровото мнозинство, а ваквата идеја ја изнесе, поради, како што рече, негова злоупотреба за блокирање на закони и одлуки. Но премиерот Мицкоски не се согласува со ова и вели дека тоа правило е дел од Рамковниот договор и дека тоа е завршена работа.
„Тоа правило е дел од Рамковниот договор, Рамковниот договор е дел од Уставот,Рамковниот договор е целосно исполнет и завршен и тоа е завршена и затворена тема. Тоа што претставуваше суштински и институционален проблем, а тоа е балансерот, знаете ние понудивме закон за правична застапеност“, вели Христијан Мицкоски.
Инаку, од ДУИ реагираа и за одлуката на Владата за намалување на бројот на општински советници за кое, како што истакнаа е спротивно на Уставот и Законот за локална самоуправа. Бројот на советници во секоја општина треба да се пресметува единствено врз основа на бројот на жители и притоа да не се прави разлика меѓу резидентно и нерезидентно население, а Владата со намалувањето на бројот на советници го нарушува правичното претставување во општините, рече Адеми.