Локални избори 2025: Последен ден за увид во Избирачкиот список
Денеска до полноќ е последна можност за граѓаните да извршат јавен увид во Избирачкиот список за претстојните Локални избори 2025.
Увидот може да се направи во подрачните одделенија на ДИК, преку нивната веб-страница или со испраќање барање на е-пошта: upisis@sec.mk.
Граѓаните може да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци, со приложување на потребни докази. ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа.
Заклучно со 9 септември, увид во списокот извршиле 5.729 граѓани, а рокот за доставување кандидатски листи до општинските изборни комисии е до 13 септември на полноќ.
Избирачкиот список ќе биде заклучен најдоцна до 26 септември, а потпишан од ДИК до 3 октомври.
Изборната кампања започнува на 29 септември, а гласањето ќе се одржи на 19 октомври во 80 општини и Градот Скопје.