Киев ќе добие системи за воздушна одбрана од САД
Украина ќе добие системи за воздушна одбрана Патриот за да се заштити од руските напади, објави шефот на Белата куќа. Според Трамп, испораката ќе биде дел од договор со кој НАТО земјите ќе ги покријат трошоците. Дел од оружјето произведено во САД, кое Украина го бара, е веќе распоредено кај сојузниците во Европа. Американскиот претседател пред големата изјава за војната во Украина, одново изрази незадоволство од колегата Путин.
„Сè уште не сум се согласил за бројот, но ќе добијат бидејќи им е потребна заштита. Но, Европската унија плаќа за тоа. Ние не плаќаме ништо. Ќе биде бизнис за нас и ќе им испратиме „Патриоти“, кои очајно им се потребни, бидејќи Путин навистина изненади многу луѓе. Тој зборува убаво, а потоа ги бомбардира сите навечер. Значи, има мал проблем тука. Не ми се допаѓа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Генералниот секретар на алијансата Руте е во дводневна посета на Вашингтон. Предвидени средби со претседателот Трамп, секретарот Рубио, министерот за одбрана Хегсет. Специјалниот претставник на САД, Келог пак, во еднонеделната посета на Украина во момент кога жестоките борби продолжуваат на истокот, руските сили тврдат дека освоиле две населби во регионот Донецк.
„Доставените информации ќе бидат сеопфатни. Сметаме дека Соединетите Држави целосно ќе разберат што може да се направи за да се принуди Русија на мир“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Во меѓувреме, Франција ги зголемува воените трошоци до 6,5 милијарди евра. Макрон повика на засилени напори за заштита на Европа и поддршка на Украина. Претходно, Париз и Лондон се согласија да соработуваат по прашањата за нуклеарна одбрана.
„Ако нашата слобода има цена, тоа е таа. Ние сме генерацијата што не ја доживеа војната, решена дека нашите деца не знаат ништо друго освен мир. Но, да бидеме јасни. Веќе ги немаме дивидендите од мирот од кои имаа корист нашите родители. Мирот на нашиот континент никогаш не зависел толку многу од нашите сегашни одлуки“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Во Пекинг, шефовите на дипломатиите на Русија и Кина разменија мислења за прашања како што се Корејскиот Полуостров, украинската криза и иранското нуклеарно прашање. Лавров претходно се сретна со лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун. Пјонгјанг потврди дека безусловно ги поддржува сите потези на руското раководство за решавање на основната причина за кризата во Украина.