Израелски медиуми: Нетанјаху планира целосна окупација на Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се стреми кон проширување на воените операции и целосна окупација на Појасот Газа, објави израелскиот Канал 12, повикувајќи се на функционер во кабинетот на премиерот.
„Се очекува Нетанјаху да се консултира со својот кабинет и военото раководство во наредните денови за да добие поддршка за својот план“, објавија медиумите. Новинскиот портал ynetnews.com цитираше висок функционер наводно близок до Нетанјаху, кој рече: „Коцката е фрлена, одиме кон целосна окупација на Појасот Газа“.
Нетанјаху претходно објави дека ќе издаде „инструкции“ оваа недела за продолжување на војната во Појасот Газа. Во видео порака објавена во неделата, израелскиот премиер рече дека Хамас одбива да се согласи на договорено решение.
Напорите за обезбедување прекин на огнот и ослободување на заложниците преку индиректни разговори меѓу Израел и Хамас траат со месеци без резултати. Израелските сили моментално контролираат околу 75 проценти од Газа.