Глобалната флотила „Сумуд“ на пат кон Газа
Со поддршка од над 44 земји, Глобалната флотила „Сумуд“ го продолжува своето патување, кое го започна од шпанскиот град Барселона, во знак на солидарност со Палестина и за пробивање на израелската блокада, јави Анадолија.
На флотилата, првично составена од околу 20 бродови и над 300 луѓе, која плови низ Медитеранот, од Италија, Грција и Тунис ќе ѝ се придружат уште бродови со активисти, уметници, политичари, лекари и новинари. Со тоа, според организаторите, вкупниот број ќе достигне повеќе од 500 луѓе и околу 60 бродови.
Барселона, која ги прекина сите институционални односи со Израел поради геноцидот во Газа, беше прва појдовна точка за флотилата „Сумуд“.
На еден од бродовите се наоѓаат и ирскиот актер Лиам Канингем, меѓународно познатата шведска активистка Грета Тунберг, шпанскиот актер Едуардо Фернандез и поранешната градоначалничка на Барселона, Ада Колау.
Глобалната флотила „Сумуд“
Зборот „Сумуд“, што на арапски значи решителност или непоколебливост, стана симбол за угнетувањето и отпорот меѓу палестинскиот народ по Шестдневната војна во 1967 година.
Концептот „Сумуд“ имплицира потреба Палестинците да останат на својата земја, да ги зачуваат палестинскиот идентитет и култура и да бараат начини да ѝ се спротивстават на окупацијата и да изградат алтернативни институции преку ненасилна граѓанска непослушност.
Во уметничките активности поврзани со Палестина за прикажување на овој концепт се користат симболи како што се маслинка и бремена селска жена.