
ЕУ има Директива за заштита на странските сезонски работници од експлоатација?
Истрагите за обвинувања за експлоатација на сезонски работници од трети земји во ЕУ и надминувањето на пријавените проблеми во врска со тоа е во надлежност на националните власти на државите членки, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
Изјавата на Ламерт претставуваше коментар на новинарско прашање во врска со медиумските извештаи за експлоатација на сезонски работници од држави кои не се членки на ЕУ, ангажирани во земјоделскиот сектор во јужна Италија.
– Генерално на ниво на ЕУ постои Директива за сезонски работници, која ги утврдува условите за влез и престој за лица кои не се државјани на ЕУ со цел ангажирање како сезонски работници, истакна Ламерт.
Тој додаде дека директивата вклучува одредби за обезбедување фер и транспарентни правила за ангажирање на сезонски работници во ЕУ, кои потекнуваат од држави што не се членки на Унијата.
– Таа, исто така, вклучува и гаранции за пристојни услови за работа и живот, еднакви права и доволна заштита од експлоатација низ целата Европска Унија, додаде Ламерт.