
Пожар во „Дрисла“, жителите на Батинци се плашат од можно ширење на пожарот
Пожарот во скопската депонија „Дрисла“ кај Батинци е се уште активен, на терен се десет противпожарникарни возила кои работат на гаснење на пожарот кој избувна попладнево.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, информира дека била побарана дополнителна помош од ЈП „Комунална хигиена“, од каде се пратени две цистерни за дотур на вода кои ги надополнуваат противпожарните возила на терен.
„Се надеваме дека за брзо време пожарот ќе биде целосно изгаснат“, изјави Томевски.
„БППЗ Скопје со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла, направени се противпожарни појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата.Нема опасност од излегување на огнот надвор од депонијата“, информираа од Дирекцијата за заштита и спасување.
Жителите на Батинци информираат дека иако се соопштува дека пожарот е ставен под контрола, тој е активен и дека локалното население е во страв од можно ширење на огнената стихија.
Жителите стравуваат најмногу од последиците од пожарот, со оглед дека се работи за депонија која го загрозува здравјето на жителите и самата околина.