Одбележана 33-годишнина од палењето на сараевската Вијеќница, запалени биле два милиони книги
Националната и универзитетска библиотека на Босна и Херцеговина (НУББиХ) во понеделник во Сараево ја одбележа 33-годишнината од запалувањето на оваа институција, тогаш сместена во зградата на Вијеќница, кога исчезнаа околу два милиони книги и ракописи.
И покрај загубата и нерешениот статус, оваа Библиотека и понатаму останува чувар на културната меморија и идентитетот на БиХ, беше порачано во воведните обраќања на присутните.
По интонирањето на химната на БиХ, на присутните им се обрати вршителката на должност директорка на НУББиХ, Адиса Жеро, потсетувајќи на деновите кога зградата на Вијеќница, симбол на Сараево, на Босна и Херцеговина и на заедничкото културно наследство, брутално беше урната и запалена, пренесува Фена.
Таа им се заблагодари на сите кои „под дожд од гранати спасуваа што можеа да спасат“, а оддаде почит и се присети на вработените во Библиотеката кои загинаа секојдневно доаѓајќи на работа, обидувајќи се да ги спасат драгоцените списи.
На присутните им се обрати и Хатиџа Јакиќ од кабинетот на членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, која за Националната библиотека истакна дека станува збор за институција што им припаѓа на сите граѓани на БиХ и која со децении го чувала знаењето, културата и идентитетот.
Министерката за образование и наука на Федерацијата, Јасна Дураковиќ, во своето обраќање укажа на значењето на Вијеќница, нарекувајќи ја симбол на „нашето минато и нашиот колективно-културен идентитет“.
Таа напомена дека на 25/26 август 1992 година огнот уништил околу два милиони книги, исклучително вредни документи и ракописи.
„Уништена беше не само библиотеката туку и пишаниот збор, историската меморија и наследството на сите народи на БиХ“, истакна таа.
Амбасадорот на Велика Британија во БиХ, Џулијан Рејли, запалувањето на книгите го нарече злосторство.
„Тоа е напад врз сеќавањето и идентитетот, врз самата душа на општеството. Тоа е обид да се оспори комплексноста и разновидноста која го збогатува човечкото искуство и народот“, нагласи тој.
За публиката беше подготвена видео-проекција „Во пламенот на сеќавањето“ која сведочи за военото страдање на НУББиХ.
Исто така беа доделени благодарници на поединци заслужни за поддршката на работата на Библиотеката, а програмата беше збогатена со пригодни музички изведби на Дино Решидбеговиќ.
За овој настан беше подготвена и изложбата „Во пламенот на сеќавањето: од веснички статии“, создадена во соработка меѓу НУББиХ и дигиталниот архив „Инфобиро“ на Медијацентар Сараево.
Изложбата содржи избрани веснички статии што хронолошки ја следат приказната за изградбата на Вијеќница, основањето на тогашната Народна и универзитетска библиотека на БиХ и нејзиниот целокупен пат – од настанокот, преку военото страдање, до денес и постојаната борба за опстанок.
Боро Контиќ, автор на изложбата, зборувајќи за значењето на граѓата на Библиотеката, рече дека станува збор за архиви во кои е запишан голем дел од нашето минато, но и иднината.
Националната и универзитетска библиотека на БиХ годинава одбележа и 80 години постоење и, спротивставувајќи се на сите предизвици, останува отворена за граѓаните и идните генерации.
Одбележувањето на годишнината се одржа под високо покровителство на претседавачот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, и членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ.
Сараевска Вијеќница
Во ноќта од 25 кон 26 август 1992 година, таа беше запалена како резултат на напад од агресорските позиции околу опколеното Сараево, а во пожарот исчезна Каталогот на Националната и универзитетска библиотека на БиХ, околу 90 проценти од книжниот фонд и документите што сведочат за историјата на БиХ. Се проценува дека огнената стихија однела околу два милиони книги што зборувале за историјата на БиХ и претставувале национално богатство на земјата.
Во истата ноќ, бројни граѓани на Сараево заедно со тогашните вработени се обидуваа да спасат дел од книгите од пожарот, додека беа изложени на постојана снајперска оган од позициите на тогашната Војска на Република Српска од околните ридови.
Благодарение на силата на разбирањето и солидарноста на пријателите и партнерите, Вијеќница беше обновена и свечено отворена на 9 мај 2014 година, на Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.
Сите делови на Вијеќница беа реконструирани врз основа на документи и фотографии од старата Вијеќница пронајдени во Каптолскиот архив во Загреб, па така во салата на Градскиот совет денес има дрвени клупи и говорница, а сите орнаменти на ѕидовите и таванот се автентични и рачно насликани.
Многу детали внатре во објектот се специфични. Рабовите на ѕидовите со златна боја навистина се од злато. Изработени со посебна техника, тие се премачкувани со ливчиња злато потопени во боја, со посебна четка од камилска длака.
Сместена недалеку од Башчаршија, на Мустај-пашино мајданче, Вијеќница, иако е сè во неа ново, и денес зрачи со периодот во кој е создадена.
Во неа денес се чуваат книги и ракописи од исклучителна вредност и реткости и таа претставува мултимедијален центар на културата, уметноста и стопанството на градот Сараево и државата Босна и Херцеговина, во кој се одржуваат концерти, книжевни вечери, изложби, презентации, конференции, конгреси, симпозиуми, приеми, одбележувања на годишнини, свадби.
Комисијата за зачувување на националните споменици на БиХ во 2006 година ја прогласи Вијеќница за национален споменик на Босна и Херцеговина.