Почнува 22. Меѓународен салон на стрип „Велес 2025“
Во Европската куќа на млади во Велес вечер во 20 часот свечено ќе биде отворен 22. Меѓународeн салон за стрип „Велес 2025“ , што го организира Стрип центарот на Македонија. На традиционалниот стрип-конкурс од кои дел од пристигнатите дела ќе бидат претставени вечер, годинава се пријавија рекордни 396 автор од цел свет, од кои 164 од земјава, информира Томе Трајков од СЦМ – Велес.
На отворањето ќе бидат доделени награди, дипломи и признанија за годинашниот меѓународен стрип-конкурс, а ќе биде отворена и изложба од избрани дела по истиот конкурс. Воедно ќе се претстават и стрипови по повод 15 години од издавањето на балканскиот стрип серијал „Вековници“, апромотер ќе биде Марко Стојановиќ од Лесковац, Србија.
– Жирито веќе ја заврши својата работа, а неизвесноста ќе расне до вечерва кога ќе бидат соопштени и прогласени најдобрите во сите категории,а на кои ќе им бидат врачени и наградите, најави Трајков.
Инаку активностите продолжуваат утре кога ќе започне вториот дел на салонот, а тоа е 7. по ред Стрип колонија, а која од 21 до 25 август ќе работи во живописното село Нежилово под Солунска Глава во Општина Чашка. На неа ќе учествуваат стрип автори од разни генерации од земјава како и гости од Бугарија и Србија, а сите заедно ќе творат свои стрипови.
Овие настани се поддржани Министерството за култура и туризам, Општина Велес , Европската куќа на млади – Велес како и стрип заедницата од земјава.