Во Хирошима одбележана 80-годишнината од атомското бомбардирање
Илјадници луѓе се собраа денес во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, Јапонија, за да ја одбележат 80-годишнината од бомбардирањето на градот со атомска бомба, повторувајќи ги повиците за свет без нуклеарно оружје, јавува Анадолу.
Со церемонија со пуштање во вода фенери со пораки за мир им е оддадена почит на жртвите во нападот на 6 август 1945 година, кога Соединетите Американски Држави (САД) врз Хирошима ја фрлија првата атомска бомба во светот, при што од експлозијата веднаш загинаа околу 70.000 луѓе, а уште 70.000 до крајот на годината од последиците од радијацијата.
Бомбардирањето, заедно со нападот врз Нагасаки после три дена, доведоа до предавање на Јапонија во Втората светска војна.
Во 8:15 часот наутро по локално време – точното време на паѓање на бомбата – започна свечената церемонија на која присуствуваа околу 55.000 луѓе, меѓу кои преживеани лица, официјални претставници и меѓународни посетители. Градоначалникот на Хирошима, Мацуи Казуми, постави ажуриран список на жртви во кенотафот на паркот, кој сега содржи 349.246 имиња.
Во својата мировна декларација Казуми ги повика светските лидери да ја посетат Хирошима и да бидат сведоци на катастрофалните последици од нуклеарното оружје. „Мора да воспоставиме нова меѓународна безбедносна рамка заснована врз дијалог и доверба“, порача тој.
Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба ја повтори посветеноста на Јапонија на нуклеарното разоружување, нагласувајќи дека Јапонија е единствена земја што претрпела атомско бомбардирање за време на војна.
Јавниот радиодифузен сервис НХК ги пренесе неговите пораки додека преживеаните и активистите ја истакнаа итноста од зачувување на сведоштвата, при што бројот на живи хибакуша (преживеани од атомските бомби) сега е под 100.000, а нивната просечна возраст надминува 86 години.
Извор: АА