Колку пари „вртат“ менувачниците?
Во Република Северна Македонија има над 250 деловни субјекти што според последниот извештај од регистарот на Народната банка имаат дозвола за менувачко работење. Најголем дел се мали семејни бизниси, а меѓу нив има и такви што имаат и по неколку продажни места. Тука се и банките, се разбира, кои имаат и најголем број менувачки пунктови, практично во секоја експозитура.
Во 2024 година во менувачниците низ земјава биле купени девизи за околу 2,2 милијарди евра, а продадени за речиси 530 милиони евра, покажува статистиката на Народната банка. Помалку биле купени девизи во однос на 2023 година, за околу 15 милиони евра, а повеќе продадени, за околу 70 милиони евра, објави Адриа Блумберг на македонски јазик.
Прометот во менувачниците има континуиран раст изминативе десетина години, освен во пандемиската 2020 година, кога бележи остар пад, поради затвореноста на државите и недоаѓањето на голем дел од луѓето од дијаспората, како и отсуството на туристите. Тогаш прометот изнесувал само нешто над една милијарда евра на куповната страна и околу 320 милиони на продажната. Претходната, 2019 година, прометот изнесувал околу 1,7 милијарда евра на куповната и 400 милиони на продажната страна. Веќе во 2021 година следува закрепнување, со речиси 1,5 милијарда и 360 милиони соодветно, за во 2022 година значително да скокне, на две милијарди евра на куповната и 461 милион на продажната страна.
Очекувано, гледано по месеци, најголем промет менувачниците имаат во летните месеци јули и август, кога доаѓаат најголем број туристи во земјава, а и нашите иселеници си доаѓаат да се видат со блиските, па се разменуваат најмногу девизи.
Така, на пример, во 2024 година, ако просекот по месеци е од 150 до 170 милиони евра на куповната страна, во јули и август овие износи се 265 и 199 милиони евра, соодветно. За жал, податоците за прометот не покажуваат точно колкав профит е остварен од менувачкото работење. Тоа зависи од курсевите што банките и менувачниците им ги нудеа на клиентите.
А, ако некогаш и Македонија влезе во еврозоната или го прифати еврото како валута по примерот на Црна Гора или Косово, менувачниците што ќе останат на пазарот, слично како во Хрватска, а еве сега и во Бугарија, ќе останат со можноста да работат со другите валути – претежно долар, фунта и швајцарски франк – или пак да воведуваат некакви дополнителни услуги во својот бизнис.