
Како Скопје го преплавија доставувачите на храна?
Мерките за безбедноста во време на пандемијата од Ковид-19 пред околу 5 години, според кои имаше забрана и ограничување на движењето на луѓето ја изнедрија потребата од доставување на храна, со што се појави и зголемена побарувачка, но и понуда.
Така „новото нормално“ од времето на пандемијата на големо ги отвори можностите за раст на бизнисот со доставување на храна, што се покажа како интересна бизнис идеја која ги задоволува потребите на модерното општество, особено кај младата популација која преферира наместо да пазарува и готви, со еден клик да ја нарача омилената храна во било кое време од денот.
Што покажуваат податоците?
Ако ги погледнеме податоците за компаниите кои се занимаваат со достава на храна ќе воочиме еден интересен факт, дека, само три компании кои биле најактивни во оваа бизнис сфера, направиле промет во износ од околу 10 милиони евра, и тоа само во 2023 година.
Секако, сосема друго е прашањето за профитот на овие компании, кои, поради различни фактори и околности не успеале да направат значителен профит, некои од нив, дури работат со загуба.
На мотор или велосипед, во црвена или сина боја, доставувачите на храна стануваат се повеќе актуелни и го збогатуваат колоритот и динамиката на урбаното живеење кое постојано „провоцира“ нови потреби за модерното општество, а со тоа отвора и нови бизнис можности.
Од друга страна, младите, студентите, но и оние кои се вработени а имаат потреба од дополнителен приход, во овој бизнис гледаат можност за солидна заработка.
Податоците од теренот добиени од луѓето кои со години се занимаваат со достава на храна во Скопје, покажуваат дека моментално во Скопје има околу 1.000 луѓе кои на различен начин се вклучени во процесот на достава на храна. Проценките се дека оваа бројка моментално ги задоволува потребите на побарувачката, но брзиот ритам на животот повторно го отвора прашањето – уште колку доставувачи на храна ќе бидат потребни за да го „најадат“ Скопје?